Аtropa belladonna (Лудобилје) – смртоносната убавица на македонските планини

Atropa belladonna, кај нас позната како црна буника или лудобилје е тревесто растение кое и припаѓа на истата фамилија на растенија како и доматите и компирот. Но, за разлика од претходно споменатите зеленчуци, лудобилјето не се користи во исхраната поради неговите екстремно токсични листови и плодови, кои содржат специфични отровни (тропански) алкалоиди кои предизвикуваат делириум и халуцинации, а во мали дози се користат во фармацијата за лекови што ги спречуваат вегетативните контракции на мазните мускули.

Лудобилјето долго време низ историјата се користело како лек, козметички препарат, па дури и како отров. Пред Средниот век било користено како анестетик при операции, се верува дека во антички Рим жената на Цезар го користела за убиство, како би ja елиминирала конкуренцијата и би се осигурала дека нејзините синови ќе го наследат тронот; а уште порано, пред сето ова, разни племиња го користеле за изработка на стрели со отровен врв.

Atropa belladonna

Терминот belladonna (убава жена) ова растение го добива бидејќи жените го користеле како капки за очи, за да им ги прошири зениците со што тие би изгледале позаводливо. Но, убавината има своја цена – подоцна било констатирано дека пролонгираното користење предизвикува слепило.

Atropa на старогрчки значи „нефлексибилно“, „без враќање назад“, а во грчката митологија тоа било името на едната од трите божици на судбината, чија задача била да го одземе на животот на луѓето и да го одвбере начинот на кој тие ќе починат.

Имено, ова е едно од најтоксичните растенија пронајдени на источната хемисфера. Кај нас го има на повисоките места, меѓу кои и Шар Планина.

Сите делови од растението содржат токсични алкалоиди. Нектарот од лудобилјето пчелите го тансформираат во мед кој е исто така опасен.

Atropa belladonna

Доколку воздрасна единка касне 2-3 свежи плодови (бобинки) тие ќе и делуваат како психоактивен афродизијак (додека истата доза е летална за детскиот организам), а 3-10 бобинки се халуциногена доза. Со 10-20 бобинки настапува смрт. Сепак треба да се земе во предвид дека овие податоци се статистички изведени, постојат бројни девијации од овие бројки, па за некои личности и минималната консумација може да заврши фатално.

Симптомите на труењето со црната буника се: проширени зеници, сензитивност кон светлина, замаглен вид, тахикардија, сушење на устата и грлото, губиток на рамнотежа, халуцинации и делириум.

Во фолклорот на многу народи, во митовите за вештерките, се спомнува како на нивните метли мачкале маст од Atropa belladonna и Papaver somniferum (афион, уште еден опоид и халуцигеноид) за да можат истите да летаат и да ги однесат магепсничките на нивните полноќни состаноци.

Автор:
Лиле Јовановска