Bagheera kiplingi – речиси ,,веге’’

Bagheera kiplingi е уникатен пајак (фамилија: Salticidae, потфамилија: Dendryphantinae, род: Bagheera) кој живее во живее во Централна Америка. Кон крајот на XIX – тиот век биолозите го именувале родот Bagheera, по пантерот Bagheera во книгата за џунглата (The jungle book) на британскиот автор Rudyard Kipling.

Во тоа време се што имале биолозите бил само распаднат примерок, за кој немале никаква претстава со што се исхранува. Се претпоставува дека можеби знаеле дека пајаците – скокачи биле како ,,мачки’’ во нивните движења и затоа овој пајак бил именуван по агилниот пантер Bagheera од книгата на Kipling.

Уште три рода кои спаѓаат во фамилијата Salticidae се именувани според карактерите на Kipling. Akela, Messua и Nagaina, сите 4 рода именувани од страна на George и Elizabeth Peckham во 1896. Половиот диморфизам е застапен и кај овој вид.

Мажјакот има темен цефалоторакс, зеленикав на предниот регион и потенок црвено – кафеав абдомен со зелени попречни линии. Женката има црвено – кафеав цефалоторакс и покрупен светло кафеав абдомен со темно кафеави и зелени белези.
                    

             Женка                                                                          Мажјак

Само мажјакот бил опишан во 1986, додека пак женката била за првпат опишана еден век подоцна. Во суштина сите пајаци се карнивори т.е грабливци. Тие можеби користат различни методи при нивното ловење, но секогаш се исхрануваат на тој начин што ги смукаат телесните течности на својот плен.

Ако конзумираат растенија, тоа го прават многу ретко, дури случајно. Некои, како суплемент во нивната исхрана дополнително додаваат и мала количина на нектар. Исхранувањето со нектар е сосема вообичаено меѓу пајаците кои се активни ловци, наместо тие кои плетат пајажина.
Други пак, во процесот на рециклирање случајно голтаат полен и се останато што можеби било уловено во нивната пајажина (што е забележано само кај јувенилните форми). Bagheera kiplingi претставува исклучок.
     
Овој пајак го искористува партнерството воспоставено помеѓу мравките и дрвјата од родот Acacia. Нодулите на листовите на овие дрвја се богати со протеини и хранливи сокови наменети како награда за своите заштитници. Заштитници? Pseudomyrmex ferruginea се мравки кои наликуваат на оси, имаат крупни очи и портокалово – кафеаво тело долго околу 3 mm, кои за возврат за храната и засолништето, што им го нудат овие дрвја, ги напаѓаат и бркаат сите што ќе се обидат да се исхранат од нив. Меѓутоа овие пајаци се крадци.
Bagheera kiplingi има пронајдено начин и развиено техника како да го краде овој деликатес од устата на овие мравки и правејќи го тоа постанал единствениот пајак кој е речиси ,,веге’’.
  
Овие агилни и љубопитни скокачи можат да скокнат во должина и до 50 пати поголема од нивната (тоа им го овозможува силниот крвен импулс во задните нозе) и можат да се сретнат само на дрвја на кои растат овие т.н. ,,Beltian тела’’ или нодули, кога мравките се во близина. Во Mexico тие сочинуваат 91% од нивната исхрана, додека во Costa Rica 60%. Многу ретко се случува тие да се исхранат со нектар, а уште поретко да имаат контакт со месо хранејќи се со ларвите од мравките или пак да потклекнат на канибализам и да се јадат меѓусебно.
Ова е навистина првиот познат пајак кој ,,лови растенија’’; исто така е првиот познат пајак кој ги користи растенијата како примарен извор на исхрана. Фактички Bagheera kiplingi е единствениот познат пајак кој конзумира крута растителна исхрана воопшто. Структурата на ,,Beltian телата’’ ја сочинуваат 80% растителни влакна, што е доста високо за стандардите на еден пајак.
Растителните влакна се доста тврди за конзумација и се уште не се знае како Bagheera kiplingi излегува на крај со нив. Во секој случај сето тоа е доста исплатливо, бидејќи оваа храна е достапна во текот на целата година, но сепак далеку од едноставно поради препреките со кои овој пајак мора да се соочи.
Неговата стратегија е вештина и одбегнување. Своите гнезда ги прави на врвовите од најстарите лисја, каде мравките ретко патролираат. Доколку видат дека мравките им се приближуваат тие автоматски ќе ги заобиколат и избегнат. Во случај да бидат притеснети тие ја користат својата способност за скокање, а понекогаш испуштаат пајажина и така висат се додека опасноста не помине.

 автор: Ана Марија Атанасовска