Голема истражувачка акција – Дешат/Шар Планина, 2016

Во периодот од 09.-23.07.2016 година се одржа 22-та научно-истражувачка акција на ИДСБ.

По две научно-истражувачки акции одржани во источниот дел на Македонија, на планините Плачковица и Малешевски Планини, оваа година ИДСБ организираше научно-истражувачка акција во Западна Македонија, на планината Дешат.

Првиот ден, ИДСБ го постави кампот на ливадите во дворот на планинарскиот дом “Говедарница“. Веќе од следниот ден, со нетрпение очекувавме да започнеме со теренски истражувања, сè со цел истражување на биолошката разновидност на планината Дешат.

Оваа година, по 22 успешно организирани научно-истражувачки акции, нам студентите, членови на ИДСБ за прв ни беше забрането да учиме и да истражуваме. По пет месечна организација,  планирање на превоз и храна, снабдување на материјали и организирање на терени, “НП Маврово“ одби да ни дозволи да се движиме во Паркот.

И покрај тоа што како организација, уредно поднесовме барање за дозвола за престој, уште од месец Април, при што елаборирaвме дека примарната цел на акцијата е студентите биолози да стекнат дополнителна едукација за биолошката разновидност на Р. Македонија преку најразлични истражувачки методи, не наидовме на поддршка од Националниот парк.

Овие големи теренски акции на ИДСБ, се организираат самоиницијативно и благодарение на ентузијазмот на студентите.  Сепак, слухот на оддредени институции во полето на научно-истражувачката работа е сеуште нем.

Дел од студентите при преселбата во селото Жировница
Дел од студентите при преселбата во селото Жировница

Под притисок на „НП Маврово“ решивме да го напуштиме Паркот, но желбата на студентите да се продолжи оваа акција преовладеа па акцијата продолжи на Шар Планина. Во овие 22 години, за прв пат ИДСБ во текот на 15-дневната научно-истражувачка акција, успева да промени локација.

Потребни беа 8 часа макотрпна работа, огромна желба и ентузијазам од сите присутни за преместување на опремата и храната од кампот до селото Жировница. Околу 18 часот попладне, пристигнавме во Старо Село на Шар Планина, од каде повторно продолживме со префрлување на работите до планинарскиот дом „Љуботен“. Поголемиот дел од групата пристигна во домот Љуботен во 22 часот вечерта, а мала група студенти со останатите работи пристигна дури во 1 часот по полноќ.

За сето ова, секако, потребни се пријатели и огромна логистичка поддршка. Затоа, им благодариме на Планинарскиот клуб “Љуботен” за безрезервната помош и поддршка при нашата напорна преселба во текот на акцијата. Го поздравуваме и гостопримството на кое наидовме во планинарскиот дом “Љуботен”. Ентузијазмот и упорноста на студентите преовладуваше, и веќе утредента, на 16.07 се оддржа првиот терен на Шара.

На оваа акција учество земаа околу 40-сетина членови на друштвото на студенти биолози, како и студенти-гости од соседните земји, професори и стручни соработници. На акцијата учество земаа и професори и асистенти од ПМФ-Скопје, професори од Факултетот за биологија – Белград, претставници од Бугарската Академија на Науките, претставници од „Природонаучен музеј на Македонија“ – Скопје, претставници од Природонаучниот музеј во Белград, како и членови на Македонското Еколошко Друштво.

13672289_10206565090862035_1679994549_n

На ден 19.07, тргнавме кон Ливадичко езеро. Временските услови беа премногу екстремни, силниот ветер и ниските температури, оневозможија да продолжиме па се вративме назад. Желбата да се посети Ливадичко езеро беше голема, па на 22.07, по пет часа искачување, и 22 км терен, стигнавме до целта.

This slideshow requires JavaScript.

Веќе утредента, групата го посети врвот Љуботен (2,498 м.н.в). 

This slideshow requires JavaScript.

На акцијата се идентификуваа голем број на видови и претставници од локалниот растителен и животински диверзитет со забележување на неколку регионални, национални и локални ендемити. 

Во наредниот период, очекувајте и извештаи од секоја од секциите на ИДСБ


Со истражувачки поздрав,

Со теорија на терен

ИДСБ, 2016