Запознавање со редот Saxifragales

Редот Saxifragales го води своето потекло од најпримитивните претставници на фам. Rosaceae – подфам. Spiraeoideae. Тоа се едногодишни или повеќегодишни тревести растенија, многу ретко полугрмушки или мали грмушки.

Листовите се последователни или наспрамни, прости, целокрајни или насечени, обично без прилисници.

Цветовите се најчесто хермафродитни, актиноморфни, со двоен перијант. Венечните листови се слободни.

Прашниците се во еднаков број со чашкините листови или двојно повеќе. Плодникот е апокарпен или ценокарпен, натцветен, полупотцветен или потцветен.

 

Во рамките на овој ред,
се сретнуваат повеќе фамилии од кои, покарактеристични се следните:

Напомена: Систематиката, т.е научната класификација се разликува според различни автори!


Фам. Saxifragaceae Фам. Droseraceae Фам. Crassulaceae Фам. Parnassiaceae

Во оваа фамилија спаѓаат околу 35 родови со 600 видови, главно распространети во студените и умерените области на северната хемисфера, се до Арктикот, кои се особено чести по високите планини. Во Јужна Америка, по должината на Андите тие навлегуваат длабоко на југ. Тоа се најчесто тревести повеќегодишни растенијам со последователни, поретко наспрамни листови, без прилисници.

Цветовите се актиноморфни, ретко зигоморфни, хермафродитни, со двоен перијант, поретко со прост (поради редукцијата на венечните листови). Прашници има обично 5 до 10.

Плодникот е образуван од два плодни листа, кои можат да бидат слободни или пак сраснати помеѓу себе. При тоа, сраснувањето помеѓу плодните листови оди се до столпчињата, а истовремено тие, повеќе или помалку, сраснуваат и со вдлабнатата цветна ложа. Поради тоа, кај нив се среќаваат сите преоди од натцветен, преку полуцветен до потцветен плодник.

Најголем род од оваа фамилија е родот Saxifraga, со околу 350 видови, најчести во високите планини на северната хемисфера. Голем број од нив се развиваат како хазмофити по површина и во пукнатини на карпите и се јавуваат во најразлични животни форми. Тие образуваат убави розети кои често пати се групирани во големи перничести образованија.

Карактеристични претставници се Saxifraga paniculata, S.sempervivum, Saxifraga grisebachii и други.

This slideshow requires JavaScript.

Фамилијата Droseraceae опфаќа 4 родови со околу 100 видови, распространети во тропските, субтропските и умерените области. Тоа се многугодишни трести инсективорни растенија, поретко полудрвенести или акватични флотанти. Најчесто се развиваат на тресетишта, мочуришта, застоени води и сл. Листовите се последователни, ретко наспрамни и се обично собрани во розета во основата на стебленцето, со прилисници или без нив. Тие се препокриени со жлездести влакнаемергенции (тентакули).

Цветовите се актиноморфни, хермафродитни, со двоен перијант. Чашкени и венечни листови има по 4-5. Прачници има 5, ретко 4, или пак поголем број (10-20). Плодникот е натцветен, од 3-5 плодни листа, едноок, најчесто со голем број анатропни семенови зачетоци.

Во оваа фамилија спаѓаат родовите Drosera, Aldrovanda, Drosophyllum и Dionea. Родот Drosera опфаќа околу 90 видови, кои се широко распространети во умерените и тропските области на двете хемисфери, додека останатите три монотипни родови имаат многу поограничено распространување. Овој род на територијата на Европа е претставен само со три вида: Drosera rotundifolia, D.intermedia и Drosera anglica, кои се среќаваат по сфагнаумовите тресетишта. Кај нас единствено се среќава видот Drosera rotundifolia, кој се развива по тресетиштата во околината на Пехчево.

Родот Aldrovanda е претставен само со еден вид – Aldrovanda vesiculosa. Кај нас се среќава само во крајбрежните делови на Преспанското Езеро, кај селото Долно Перово. Тоа е повеќегодишно субмерзно (подводно) инсективорно растение или пак слободно плива по површината на водата. Се карактеризира со мали листови.

Родот Dionea е претставен само со видот Dionea muscipula, кој се среќава во атланскиот дел на Северна Америка. Родот Drosophyllum е застапен само со видот Drosophyllum lusitanicum, распространет на Пиринејскиот Полуостров.

This slideshow requires JavaScript.

Фамилијата опфаќа 35 родови со околу 1450 видови, кои имаат речиси комополитско распространување, но особено се чести во топлите и суви области на Јужна Африка, Мексико и Медитеранот.

Тие се прилагодени на суви и топли станишта, на карпи, камењарки и сл. Тоа се обично едногодишни или повеќегодишни тревести сукулентни растенија, поретко полудрвенести или дрвенести, со сукулентни листови, без прилисници.

Цветовите се актиноморфни, ретко зигоморфни, хермафродитни и најчесто групирани во цимозни соцветија. Опрашувањето е со инсекти а голем број од нив се одгледуваат како декоративни растенија.

Во оваа фамилија се наоѓаат повеќе родови како: Sedum, Jovibarba, Sempervivium, Crassula, Aeonoim, Villadia и други. Некои видови од родот Sempervivum претставуваат македонски ендеми или субендеми, како што се Sempervivum macedonicum, Sempervivum galicicum (Галичица), S.octopodes (Пелистер), S.klepa (Клепа) и други.

This slideshow requires JavaScript.

Едногодишни или повеќегодишни тревести растенија со прости, последователни листови без прилисници. Цветовите се актиноморфни, хермафродитни, со двоен перијант, со по 5 слободни чашкини и венечни листови. Плодот е многусемена кутијка. Кај нас се среќава видот Parnassia palustris, кој се развива на влажни места, покрај планински потоци и слично.

This slideshow requires JavaScript.

Дел од сликите се превземени од интернет.

Изработил: Ванчо Ѓорѓиев – Еколошка насока