2012 – Мариово

Опеано, раскажувано и прераскажувано – Мариово не постои во нашите глави толку како топоним, туку како една “опустошена димензија” која едноставно постои. Мариово за наша среќа (биолошка и пошироко) се има скотвено во јужните делови на нашата земја во форма на ридови и висорамнини кои недефинирано постојат оградени од остатокот на светот со планините Козјак, Ниџе, Селечка и Дрен. Некогаш било пристапно само преку Плетвар низ с. Беловодица, по стариот мариовски пат. Денес областа е неформално поделена на три: Битолско, Прилепско и Тиквешко Мариово.

Во текот на 2012та година, ние – студентите биолози и дел од соработниците на Институтиот за Биологија при ПМФ, Скопје посветивме дел од своето време проучувајќи ја биолошката разновидност на регионот. Од логистички причини и поради временски ограничувања истражувањата беа сконцентрирани во Прилепскиот дел, со куса посета на Битолско Мариово, како и на планината Козјак. Биолошките истражувања за 2012та главно беа изведени околу конаците на манастирот св. Илија во близина на најголемото село на Прилепско Мариово – Витолиште.

Имавме прилика да ги посетиме локалитетите во различни сезони и да посведочиме за нивните драстично различни изданија – летното суво и пеколно Мариово покажа неочекуван “тропски” потенцијал за време на тродневниот терен во месецот мај. Реката Бутурица, попозната како локално пресушливо поточе се чинеше дека врви со моќ од рамките на онаа на реката Амазон, додека пак спустот по Витолишка скрка кон истоименото село можеше лесно да биде збунет со прошетка низ некоја од прашумите од умерените подрачја.

Токму поради пролетно-летниот мариовски контраст, тродневниот терен не ни понуди никаков урнек по кој би можеле да се раководиме за време на 14 дневниот престој во Мариово во месец јули. Несопирливото сонце го пресретнавме опремени со многу вода, соодветна опрема и најверојатно најважно – дисциплина, будењето во 5 часот наутро.

Како и да е, мариовските жештини некогаш го оставаат човека без избор и водат само кон пребег. По искачувањето на Витолишка скрка, посета на с. Полчиште и одење по меандрите на река Бутурица до Расибегов мост, следеше посета на јужниот чувар на Мариово – пл. Козјак. Поставувањето на 2-вечерен камп и посетата на бројни локалитети на планината понудија дополнително разнообразие на станишта – борови шуми, деградирани станишта прекриени со смрека, боровинки, отворени ливади, тресет – Sphagnum и високопланински пасишта околу врвот Голем Козјак (1814m).

Морам во овој дел од текстот да се заблагодарам на вработените во шумското друштво кои безрезервно ни помогнаа да стигнеме до нашата цел – превозот беше со еден вид на хибрид помеѓу автобус и камион 🙂

По враќањето од Козјак следеа посети на уште два локалитети (с. Манастир и Бешишка скрка) по кои следеше уште едно кампување, овој пат во битолско Мариово. Преку село Манастир и патот кон Чебрен стигнавме до “предградието” на познатото село Зовиќ во уздите на реките Сатока и Градешница и со влез како никој друг – филмскиот мариовски мост налик Елен Скок или Мостарскиот мост над Неретва. Едновечерното кампување беше ограничено во поглед на храна и најстрашно – вода. Меѓутоа, точните пресметки не нè спречија да, покрај сè останато, го посведочиме и гнездењето на светски загрозениот вид птица – Египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus). Дел од малата светска популација има најдено прибежиште токму во малите непристапни пукнатини во некои од Мариовските остри клисури, како што е онаа на Градешничка река. Утврдувањето на живо гнездо на овој вид даде нов дух и димензија на теренот во Мариово.

Покрај орнитолозите, во Мариово активно работеа уште 10 секции: алголошка, арахнолошка, биохемиско-физиолошка, ентомолошка, макрозообентос, мамолошка, миколошка, пределна екологија, флористичката секција и стршлен херпетолошка. Дел од извештаите се сеуште во изработка и во тек се лабораториските анализи. Меѓутоа, од самиот терен неколку секции може да се пофалат со огромен број забележани ендемични видови, некои животни форми кои за прв пат биле мршојадец забележани во Македонија, или пак видови кои досега никогаш не биле регистрирани токму во Мариово. Разнообразноста на посетени станишта, од полупустини до тресетишта на Sphagnum, понуди работа за сите секции и покажа декa

Мариово, не само што е геолошки и културолошки феномен и мистерија, туку во себе крие биолошки тајни за чие разоткривање се надеваме дека токму ние, студентите биолози, поставивме темели врз кои и натаму ќе продолжи да се надградува.

Најискрено им се заблагодарувам на сите студенти и соработници кои земаа удел на овој терен и на сите оние кои со своите донации и спонзорства го овозможија неговото остварување. Се надевам дека Мариово ќе остане во пријатни и диви сеќавања во нашите глави и дека наскоро сработеното ќе се најде на хартија во форма на научни трудови во некој од билтените на Истражувачкото друштво на студенти биолози.