Истражувачка акција – Караџица 2011

Истражувачка акција Караџица 2011 год

 Проучување на биолошката разновидност на планинскиот масив Јакупица


Водејќи се од примарната цел на ИДСБ, мотивирање и активирање кон научно истражувачка работа, во периодот 10-25 јули 2011 година беше реализиран летен истражувачки камп.

Активно учество заземаа околу 60-тина членови од кои најголем број студенти по биологија на Институтот за биологија при ПМФ-Скопје но и студенти од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Бугарија и Албанија членови на организации сродни на ИДСБ, професори од Институот за биологија при ПМФ, претставници од Македонско еколошко друштво (МЕД) како и средношколци и други стручни соработници од земјава и странство.

Сите теренски активности се спроведоа во рамките на алголошката, арахнолошката, ентомолошката, биохемиско-физиолошката, мамолошката, херпетолошката, секцијата за макрозообентос, миколошката, флористичката и секцијата за пределна екологија. Учесниците беа сместени во планинарскиот дом „Карџица“ од каде секој ден се упатуваа кон истражување на различни локалитети.

Беше организиран и тридневен камп на Бегово поле со цел да се истражи и овој специфичен локалитет. Теренските активности беа збогатени со обука за мониторинг техники за следење на балканскиот рис (Lynx lunx martinoi) изведено од страна на „Македонско Еколошко Друштво“.

Средствата со кои се обезбеди успешно изведување на оваа истражувачка акција се добиени од помагателите (спонзори), од соработниците (Македонското еколошко друштво и Институтот на Биологија при ПМФ) како и од самите учесници на акцијата.

Во тек на 15 дневната истражувачка акција учесниците се стекнаа со знаења за теренската работа во однос на колектирање материјали како и средувањето на истите во привремено конструираната лабараторија во самиот дом. Понатамошните испитувања, доколку се потребни, се изведуваат во просториите на Институтот по биологија при ПМФ а добиените податоци во иднина се користат како основа за изработка на трудови.