Бувовите во Македонија

Кога збориме за бувовите, збориме за едни од најубавите и најкорисните птици на планетава. Многу малку знаеме за нив и многу ретко размислуваме за нив, но никогаш не е доцна.

Во светот има 225 видови, сите различни по изглед, големина, боја, однесување и место на живеење. Се делат на две современи семејства: Strigidae (типични бувови) и Tytonidae (амбарски бувови). Различноста на овие две семејства е во изборот на местата за живеење и секакo по нивниот изглед.

На територијта на Македонија застапени се 9 видови бувови и тоа:

  • Ушестиот був – Asio otus
    Asio otus (долгоушест був)
    Asio otus (долгоушест був)
  • Шумскиот був – Strix aluco
  • Мочуришниот був – Asio flammeus
  • Кукувијата (Амбарскиот був) – Tyto alba
  • Уралскиот був – Strix uralensis
  • Голем ушест був – Bubo bubo
  • Кукомјавка – Athene noctua
  • Шумската кукомјавка – Aegolius funareus
  • Ќук – Otus scops

Со големина од 16-18 см Ќукот е најмалиот був кај нас. Тој е птица преселница (доаѓа и си оди заедно со ластовиците), додека Големиот ушест був со својата големина од 70 см и распон на крилја од околу 2 метри е најголемиот був што ги населува нашите простори.

Бувовите се прекрасни ноќни грабливки кои имаат „човечки лик“. Очите и клунот им се поставени исто како и очите и носот кај човекот. Кај некој видови бувови, очите се со иста големина како и човечките, зениците се големи и на тој начин ја собираат максималната количина светлина. Во тоа помагаат и ситните паперје поставени околу очите кои ја рефлектираат светлината директно во зениците.

Asio flammeus (мочуришен був)
Asio flammeus (мочуришен був)

Заради овие карактеристики, гледаат совршено и дење и ноќе. Како и кај поголемиот дел од птиците, очите им се недвижечки, па за да го пренасочат видот мора да ја вртат цела глава. Интересен е податокот дека бувовите ја вртат главата за цели 270 аглови степени, без да го помрднат телото. Оваа способност овозможува движењето на бувот да биде сведено на минимум како и да ја елиминира вревата која би ја правел додека го чека пленот. Тие се далековиди, но нејасно гледаат на неколку сантиметри пред нив.

Ушите на бувот се наоѓаат позади дискот (лицето) и тие се вертикално и асиметрично поставени, со што ја зафаќаат речиси цела глава. Десниот ушен отвор е поставен нешто погоре од левиот и поради големината на главата, звукот од едното уво доаѓа во другото уво со задоцнување од неколку делови од секундата. Тоа многу помага во лоцирање на пленот и собирање информации за секој шум во околината. Бувовите имаат опсег на слушање сличен како луѓето, но со многу поточно одредени фреквенции, што им овозможува забележување и на најмалите движења на пленот . Кога бувот ќе ја одреди точната локација на пленот, лета кон последниот примен звук , ако пленот мрдне бувот се мести во нова позиција за лет кон пленот.

Паперјето поставено по должина на дискот од напред и позади ушите исто така е од голема помош за насочување на звуците кон ушите. Тоа формира ѕид во кој го задржува звукот во структурата на ушите. Кај некои видови бувови изразени се ушите како пердуви на главата, но тоа се само украсни перца кои служат и за меѓусебна комуникација. Со нив бувот го покажува неговото расположение. Фацијалниот диск исто така го насочува звукот кон ушите. Формата на дискот се подесува според приликата за да го фокусира звукот попрецизно. Формата на дискот исто така го покажува расположението на бувот.

Strix uralensis (уралскиот був)
Strix uralensis (уралскиот був)

Стратегијата за лов кај бувовите зависи од нивната способност да не бидат забележани и можноста за изненадување на нивниот плен. Несјајните пердуви овозможуваат „невидливост“ во одредени услови, а безшумниот лет на бувот му дава огромна предност пред пленот.

И додека совршениот слух, вид и безшумност во летот му овозможуваат на бувот да го најде и да го брка пленот, канџите и клунот ја вршат последната работа. Канџите на бувот се остри и заоблени и се така поставени да овозможуваат голема ефикасност при ловот.Пердувите на бувот се најмеки од сите видови птици, покриени се со кадифена структура која ги абсорбира звуците кога крилото се движи. На рабовите на пердувите се поставени ресички кои го пропуштаат воздухот додека летаат, со тоа летот на бувот е бесшумен. Обоеноста на пердувите имаат клучна улога во невидливоста на бувот. Многу од видовите бувови знаат да ја имитираат текстурата на околината .

Клунот на бувот е краток, заоблен и поставен надоле, посебно свиткан на крајот за подобро распарчување и подобро држење на пленот. Свитканиот клун надоле овозможува и видното поле да биде чисто, а звукот без никакви пречки и одбивање да дојде до неговите уши. Сите овие карактеристики го прават овој грабливец одличен ноќен ловец. Тој сѐ гледа, сѐ слуша и затоа лесно го лови пленот.

Бувот е ноќна птица и воглавно е активен ноќе, додека преку ден најчесто одмара длабоко сокриен во некоја крошна од дрво или на некое место каде никој нема да го вознемирува. Бувовите не прават гнезда, тие ги користат напуштените гнезда од други птици или наоѓаат засолниште за да ги положат своите јајца во процепите од старите дрва, процепите од карпи, стари тавани и.т.н.

Женката снесува од 5 до 7 јајца (во зависност од видот на бувот)во интервали од 1-3 дена, па затоа и возраста на младитево гнездото е различна. Младите се спремни да го напуштат гнездото после два месеци и понекогаш поминуваат и неколку стотици километри барајќи погодна територија за понатамошен живот .

Bubo bubo (бубо)
Bubo bubo (бубо)

Но што е тоа што бувот го прави најкорисна птица на планетава? Која е улогата на бувовите во одржување на рамнотежата во еден екосистем и со тоа каква е користа на човекот од оваа птица  и каква е впрочем исконската врска помеѓу човекот и бувот?

Тоа е секако пленот кој го ловат бувовите, тие во 90% од својата исхрана користат различни видови глодари, но за да биде се појасно ќе се повикаме на статистиката:

Во текот на ноќта бувот ќе улови од 3 до 5 глодари (полски глувци, глувци, стаорци, кртови и др.), така што едно семејство бувови во текот на една година ќе внесе околу 10,000 глодари! Познато е дека еден глушец јаде околу 5 кг сточна храна годишно и ако почнеме да ги нижиме бројките, ќе дојдеме до сигурен податок дека буфовите со своето постоење ќе му заштедат на землодејството и сточарството – милиони и милиони! Но и ако го земеме фактот дека глодарите се причина за брзо пренесување на тешки заразни болести и дека урината која ја оставаат по сточната храна и посевите содржи бактерии кои преку храната можат да дојдат до човечкиот организам. Тогаш ќе сватиме дека буфовите директно го чуваат нашето здравје и не штитат од заразни болести, на земјоделството и сточарството му заштедуваат огромно количество сточна храна и се разбира заштедуваат храна која ја користат и луѓето .

Користењето на пестициди и отрови за глодари не е добро решение. Ефектот од отровите кај глодарите е краткорочен, а отровите преку храната и почвата директно ги внесуваме во нашите организми. Тоа само значи дека бувовите се од природата создадени да бидат природни „пестициди“ и чувари на нашето здравје!

И токму користењето на отрови за уништување глодари и агресивната неконтролирана дератизација, спроведена во нашата земја во последниве 7-8 години, ја намали популацијата на македонските бувови за 70%, преку исхрана со затруени глодари овие прекрасни ноќни грабливки се доведоа до работ на нивното истребување.

И повторно нивен непријател е човекот, кој постојано ја освојува природата, ја сече шумата, асфалтира патишта, ја ѓубри земјата, просипа отрови за да ги уништи глодарите и инсектите. Човекот слабо ги познава бувовите – всушност човекот ништо не знае за нив! Тие се преку ден незабележливи, а ноќе кога ние спиеме – тие се активни. Поради тоа што не ги гледаме и не ги познаваме, склони сме кон измислување приказни дека се тоа лоши птици и предвесници на смртта. Ваквите верувања многу допринесоа за намалување на бројот на бувовите. Во многу краишта на нашата земја, тие сѐ уште се прогонуваат и убиваат!

Опстанокот на бувовите што живеат во нашата земја е загрозен! Иако се заштитени со највисок степен на заштита според Законот за ловство на РМ, опстанокот им е загрозен.

Изработиле: Боби и Ана АрсовскиMacedonian Owl Trust