Херпетолошка секција

Секцијата има за цел вршење на основни фаунистички истражувања (распространетост и дистрибуција) на влекачите и водоземците во Македонија.

Херпетологијата е гранка на зоологијата која се занимава со изучување на водоземците и рептилите. Зборот херпетологија потекнува од грчкиот збор „herpeton“ кој значи ‘ползечко животно’, и зборот „logos“. Рептилите може да бидат многу лесно препознаени од останатите ‘рбетни животни по нивната типична сува, лушпеста кожа, додека пак кожата на водоземците е најчесто влажна и нема очигледни лушпи.

И рептилите и водоземците еволвирале порано од птиците и цицачите. Тие се разликуваат најмногу едни од други по тоа што рептилите и водоземците немаат крзно и пердуви и по многу различниот енергетски буџет по кој функционираат. Птиците и цицачите одржуваат релативно висока телесна температура што им овозможува да се активни во текот на целиот ден (ендотермни животни), но од друга страна пак одржувањето на константна телесна температура е енергетски многу скапа доблест.

За разлика од таквите ендотермни организми, рептилите и водоземците, кои се ектотерми се прилагодуваат на надворешната температура и се загреваат или со директно изложување на сончевата светлина или пак со примање на топлината од воздухот или водата кои ги опкружуваат.

Точно е дека невозможноста да ја контролираат својата сопствена телесна температура значи дека при екстремни температури (преладно или претопло) не можат да бидат активни, но тоа исто така значи дека нивната побарувачка за храна е драстично помала од онаа на пософистицираните цицачи и птици, па затоа и често може да населуваат поекстремни подрачја каде храната е во минимални количества.

Покрај општото мислење дека гуштерите, змиите и останатите рептили се најактивни во најтоплите месеци од годината и во најтоплите делови од денот, вистината е различна. Како што не се способни да ја регулираат својата телесна температура при прениски вредности на надворешната температура, така не можат ни да ја контролираат својата телесна температура и при превисоки надворешни температури и се соочуваат со ризик од прегрејување и евентуална смрт.

Затоа, во најтоплите часови од летните месеци повеќето рептили се повлекуваат во своите засолништа и се само активни во најраните утрински часови и по зајдисонцето, а некои се дури и ноќно активни животни. Како и да е, ова важи за оние видови кои ги населуваат јужните делови на Европа, како што се оние кои се наоѓаат во Македонија, додека пак истите видови кои ги населуваат посеверните географски ширини имаат различни адаптации, зависно од климатските фактори кои владеат во дадениот регион.

Поголемиот број европски рептили се размножуваат со јајца, односно се овипарни и како мали незначително се разликуваат од возрасните единки. Некои видови, како што се Eryx jaculus, Coronella austriaca, Anguis fragilis, Zootica vivpara и други, ги носат јајцата до нивното излегување и раѓаат живи единки, или пак несат јајца од кои веднаш по снесувањето малите излегуваат од јајцето.

Рептилите ги снесуваат своите јајца во песок, земја, влажна почва или мртва вегетација, додека пак водоземците поради карактеристичната градба на своите јајца (со желатинозна обвивка) мораат да ги несат своите јајца во водена средина. За разлика од рептилите младите на водоземците не личат воопшто на своите родители и поминуваат долго време само хранејќи се за потоа да прејдат низ процес на метаморфоза.

Овие акватични ларви, за разлика од нивните родители дишат со жабри. По процесот на метаморфоза дишењето се префрла на белите дробови и кожата. Ретко се случува да некои саламандери дадат род на живи ларви или целосно оформени млади и да се избегне ларвениот стадиум. Ниту за водоземците ни за рептилите не е карактеристична родителска грижа за потомството.

Фертилизацијата кај рептилите е внатрешна. Не секогаш се случуваат борби за женки или карактеристични додворувачки танци. По фертилизацијата е карактеристично за мажјаците од некои видови да ја бранат женката од други мажјаци, како истата не би била повторно оплодена. Како и да е, честа појава е да новородените сепак бидат зачнати од различни мажјаци, односно да имаат иста мајка но различни татковци. Кај опашестите водоземци како што се саламандерите и тритоните фертилизацијата е исто така интерна, но кај жабите тоа се случува само со триење на клоаките и јајцата се оплодуваат само при нивното несење.

Карактеристична појава за водоземците и рептилите е и промената на кожа која се случува на одредени временски интервали, за разлика од цицачите и птиците каде кожата се обновува постојано. Водоземците и некои гекони често ја јадат излупената кожа, како би надокнадиле за енергијата потрошена правејќи ја истата.

Денес, рептилите и водоземците, како и другите групи на животни се директно засегнати од човечката активност. Главни закани по нивното постоење се загадувањето и сушењето на блатните површини и нивно претварање во земјоделски активни површини. Натамошната употреба на пестициди има и директен и индиректен негативен ефект на херпетофауната, дали преку намалување на изворите на храна (намалување на популациите на артроподи) или преку директно излевање на пестициди во водените површини во кои се размножуваат водоземците.

Изградбата на нови патишта и се поголемиот метеж се огромна закана за некои миграторни видови, а особено за некои ноќно активни змии и гуштери кои ги преферираат асфалтните површини, бидејќи ја задржуваат дневната топлина преку подолг дел од ноќта. Водоземците всушност претставуваат животинска група со најголем број загрозени видови во светот, а ова се должи главно на нивната ранливост кон промени во животната средина и нивната потреба од слатка вода, која ја има се помалку.

No posts found.